Основни принципи за правилно земање, чување и транспорт на примерокот
За еден примерок да биде валиден тој треба:
- да биде земен од соодветно место на инфекција, за да биде изолиран причинетелот;
- да биде земен во соодветна количина, во зависност од анализите;
- да биде земен во правилно време, според упатствата од лекарот.
Примерокот се собира асептично, во стерилен и хемиски чист лабораториски сад за таа намена, кој добро е затворен и ќе спречи контакт на примерокот со надворешната средина и контаминација.
Примерокот треба да се земе пред почетокот на антибиотската терапија или 72 часа по последната примена доза на антибиотикот („антибиотски прозорец“). Доколку тоа не е можно, задолжително на упатот треба да се наведе кој антибиотик се употребува.
Амбалажата во која се наоѓа примерокот треба да биде правилно означена со име и презиме на пациент, датум и место на земање на примерокот. Правилно обележаниот примерок заедно со уредно пополнет упат/спроводен лист треба да се донесе во микробиолошката лабораторија во рок од два часа од земањето на примерокот. Доколку не може да се испочитува тој период, примерокот треба да биде чуван во соодветни услови (зависат од видот на примерокот) до неговото носење.
Доколку пациентот сам го зема примерокот, претходно, од страна на лекарот, треба да биде упатен (усно или писмено) како правилно да го направи тоа.
Кај некои заболувања, резултатот зависи од количината и бројот на земени примероци, бидејќи причинителите се исфрлаат повремено и во мал број.
Истечен, необележан, ненавремено донесен и примерокот во недоволна количина се смета за несоодветен!
Брис од нос
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед и одредување назално носителство
Примерокот го зема: приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“
Упатство за земање: Примерокот се зема со стерилен брис. Пациентот е во седната положба, со малку поткрената глава, брисот се вовлекува во секоја од ноздрите во длабочина од 1-2 см и се ротира неколку пати.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура); доколку брисот е сместен во транспортен медиум може да се чува на собна температура до 24 часа од земањето на примерокот.
Брис од букална слузокожа, гингивa, ангулус на уста, јазик
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
Примерокот го зема: приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“
Упатство за земање: примерокот се зема со стерилен брис, со кој се пребришува местото каде се наоѓа промената, притоа внимавајќи да не се допре околната здрава слузница.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура); доколку брисот е сместен во транспортен медиум може да се чува на собна температура до 24 часа од земањето на примерокот.
Брис од грло (орофарингс)
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
Примерокот го зема: приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“
Упатство за земање: Примерокот се зема еден до два часа пред јадење и пиење. Пациентот широко ја отвора устата, соодветно се осветлува грлото, со шпатула се притискаат предните ⅔ на јазикот, а потоа со ротација се пребришуваат тонзиларните лаци или заден ѕид на орофарингс, внимавајќи да не се допре околната слузокожа или јазикот.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура); доколку брисот е сместен во транспортен медиум може да се чува на собна температура до 24 часа од земањето на примерокот.
Брис од надворешен ушен канал:
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
Примерокот го зема: приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“; лекар кој упатува.
Упатство за земање: Примерокот се зема со стерилен брис, претходно навлажнет со стерилен физиолошки раствор. Ушната школка се повлекува нагоре и наназад и со ротирачки движења се пребришува надворешниот ушен канал.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура); доколку брисот е сместен во транспортен медиум може да се чува на собна температура до 24 часа од земањето на примерокот.
Брис од конјуктива
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
Примерокот го зема: приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“; лекар кој упатува.
Упатство за земање: Примерокот се зема наутро, пред миење на очите, додека се уште има секрет во конјуктивалното ќесе. Пред земање на примерокот, пациентот НЕ СМЕЕ да се мие, да се мачка со креми/масти или да се шминка. Се користат стерилни навлажнети брисеви, за секое око посебен. Лицето кое го зема брисот, со левата рака ги шири палпебрите и со постојано ротирање ја пребришува долната конјуктива од надворешниот кон внатрешниот агол.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура).
Спутум
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
Примерокот го зема: самиот пациент, според упатствата за земање дадени од лекарот.
Упатство за земање на примерокот: Пациентот примерокот го собира наутро, после будење. Доколку носи забна вилица, треба да ја отстрани. Пред земањето треба да се измие заби и да ја исплакне усната празнина со вода или благ антисептик неколку пати, длабоко вдишува и издишува 2-3 пати и потоа се искашлува во стерилниот контејнер. Да се внимава што е можно помалку да се контаминира со плунка.
Примерок кој содржи само плунка е несоодветен за микробиолошко испитување!
Транспорт: Примерокот е потребно во рок од 2 часа од моментот на земање да се донесе во лабораторијата, во спротивно да се чува на +4°С до 24 часа.
Потребна количина: Oколу 2 ml.
Гинеколошки брисеви
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
- детекција на Ureaplasma urealyticum и Mycoplasma hominis
- детекција на Chlamydia trachomatis со брз имунохроматографски тест
Примерокот го зема: лекар специјалист гинеколог.
Упатство за земање: Примероците се земаат во гинеколошка ординација, на гинеколошки стол под спекулум, од страна на лекар специјалист
Транспорт: Примероците треба да се достават во микробиолошката лабораторија во рок од 2 часа по земањето или доколку се сместени во транспортен медиум најдоцна во рок од 24 часа (да се чуваат на +4°С).
Брис од уретра
Вид и траење на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
- детекција на Ureaplasma urealyticum и Mycoplasma hominis
- детекција на Chlamydia trachomatis со брз имунохроматографски тест
Примерокот го зема: кај жени – лекар специјалист гинеколог; кај мажи – лекар кој упатува, приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“.
Упатство за земање: Три часа пред земање на примерокот да НЕ се мокри. Мажи: по тоалета на периуретралната регија со стерилна газа натопена со физиолошки раствор, специјалниот тенок стерилен брис се вовлекува 2 см во уретра, се ротира 1-2 пати и се затвора во стерилната епрувета на брисот; Жени: по тоалета на периуретралната регија со стерилна газа натопена со физиолошки раствор, тенок стерилен брис се вовлекува 1 см во уретра и се ротира.
Транспорт: примерокот треба да се донесе што е можно поскоро во микробиолошката лабораторија (до 2 часа).
Секрет од дојка
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
Примерокот го зема: лекар кој упатува, приемна амбуланта на микробиолошката лабораторија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Велес“.
Упатство за земање на примерокот: По направена дезинфекција на кожата во пределот на брадавицата, примерокот се зема со стерилен брис кој убаво се потопува во секретот, внимавајќи да не се допре околната здрава кожа.
Транспорт: Брис без транспортен медиум треба да се донесе во микробиолошката лабораторија што е можно побрзо (до 2 часа, да се чува на собна температура), доколку брисот е сместен во транспортен медиум може да се чува на собна температура до 24 часа од земањето на примерокот.
Брис од рана
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед:
Примерокот го зема: лекар кој упатува.
Упатство за земање на примерокот:
Површинска рана: пределот на раната треба да се исплакне со благ млаз на физиолошки раствор. Се остава да се исуши, а потоа со навлажнет стерилен брис со цик-цак движење се пребришува раната, особено деловите кои имаат знаци на воспаление, внимавајќи да не се допре околната здрава кожа. Доколку има секрет, брисот треба да се потопи во местото од кое тој извира. Пред земање на примерокот на раната не треба да се нанесуваат антисептични раствори, антибиотски масти, прашоци, креми, анестетици!
Длабока рана, апцес, пунктат, гној, биоптичен материјал: секретот од лезијата се пунктира со игла и шприц, по претходно направена дезинфекција на кожата. Биоптичниот материјал се зема од границата меѓу здравото и инфицираното ткиво од страна на обучено медицинско лице.
Транспорт: брисот се транспортира во транспортен медиум на собна температура колку што е можно побргу, оптимално до 2 часа, а најдоцна во рок од 24 часа. Биоптичниот материјал (парче ткиво) се транспортира во стерилен контејнер на чие дно се наоѓа газа натопена со физиолошки раствор, во рок од 2 часа од земањето или во соодветен анаеробен транспортен медиум во рок од 24 часа, на собна температура.
Количина на примерок: Пунктат, ексудат , трансудат > 2ml, биоптичен материјал >1 gr ткиво.
Целофански брис
Примерокот го зема: лекар кој упатува
Упатство на земање: Примерокот најдобро се зема наутро, пред туширање. Постапката треба да ја спроведе обучено лице: лепливата лента (провиден селотејп) се одлепува од стаклото, се шират глутеусите и се лепи на перианалните набори со благ притисок. Потоа веднаш се лепи преку предметното стакло и се пакува во амбалажа.
Транспорт: Да се достави во микробиолошката лабораторија за 24 часа.
Копрокултура
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- миколошки преглед
Примерокот го зема: самиот пациент според упатството за земање
Упатство за земање: Садот за собирање на примерокот може да се набави во аптека или во приемната амбуланта на микробиолошката лабораторија. Тоа е посебен сад со навртка кој има лажичка на внатрешната страна на капакот која служи за собирање на примерокот. Примерокот се собира веднаш после дефекација, од повеќе места, но не од делови кои се допреле до основата или ѕидовите на садот во кој дефецирал пациентот; фецесот не смее да биде помешан со урина; задолжително се собира од неоформените делови на фецесот и примеси како крв, гној, слуз.
Транспорт: примерокот треба да се донесе во микробиолошката лабораторија во рок од 2 часа од моментот на земање или најдоцна за 24 часа доколку е чуван на +4°С.
Количина на примерок: околу 1gr цврст фецес (колку зрно лешник) или 2 -3 ml течен примерок.
Паразитолошки преглед на фецес
- Потребна количина: 2-4 gr (големина колку орев).
- Број на примероци: оптимално е да бидат земени три примероци на растојание од 1 – 2 дена.
- Примерокот го зема: самиот пациент според упатството за земање.
- Упатство за земање и транспорт: види дел за копрокултура.
Уринокултура
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
Примерокот го зема: самиот пациент според упатството за земање.
Упатство за земање на примерокот: Примерокот се собира во стерилен контејнер кој пациентот може да го добие во приемната амбуланта или во аптека. Пред земање на примерокот – да НЕ се мокри барем 2 часа. Прво се прави тоалета на надворешните генитални органи, со млака вода и благ сапун: кај мажите доволно е измивање со повлечен препуциум, а кај жени со раширени коленици, раздвоени лабии, се измива периуретралната регија неколку пати и се брише со стерилна марамица (ако е достапна) или доколку не е достапна веднаш се отпочнува актот на мокрење и од средниот млаз се земаат околу 2-5 ml, по што садот убаво се затвора за да не дојде до истурање и контаминација на примерокот.
Кај деца кои немаат контрола на мокрењето се прави тоалета на надворешните гениталии, потоа се лепи стерилна кесичка за урина и се облекува пелена. По полнење на кесичката се отстранува од детето, се лепат краевите на истата, се става во стерилно шишенце за урина и се транспортира во лабораторија во рок од 30 минути, во спротивно да се остави во фрижидер до транспортот. Лабораторијата има право да отфрли примерок кој стоел повеќе од 24 часа во фрижидер. Ако во ќесичката има фецес, тој примерок се отфрла и се зема нов примерок повторувајќи ја целата процедура од почеток.
Транспорт: примерокот треба да се донесе во микробиолошката лаборатоија во рок од 2 часа од моментот на земање или најдоцна за 24 часа, за кое време треба да се чува на +4°С.
Сперма
Вид на анализа:
- бактериолошки преглед
- детекција на Ureaplasma urealyticum и Mycoplasma hominis
Примерокот го зема: самиот пациент според даденото упатство.
Начин на земање на примерокот: се зема по тоалета на надворешни гениталии, директно во контејнерот, при што пациентот најпрво треба да измокри, а потоа да собере сперма.
Транспорт: примерокот треба да се донесе во микробиолошката лаборатоија во рок од 2 часа од моментот на земање или најдоцна за 24 часа, за кое време треба да се чува на +4°С.
Серолошки испитувања
Серолошките испитувања се изработуваат од серум. Серумот е течниот дел на крвта кој се издвојува во епруветата по коагулација и центрифугирање. За серолошки испитувања не смеат да се користат епрувети со антикоагуланс. Иако за поголемиот дел од анализите не е потребно пациентот да биде гладен, сепак најдобро е примерокот да се земе наутро, на гладно или три часа после лесен оброк, за да се спречи присуство на хиперлипемичен серум кој ја попречува анализата и дава погрешен резултат.
Доколку серумот издвоен во транспортна епрувета не може веднаш да се достави во лабораторијата, до 5 дена може да се чува на температура од 4-6°C, а повеќе од 5 дена на -20°C. Количината која е потребна зависи од видот и бројот на анализите просечно од 3 до 8 ml се доволни.
Липемичен и хемолизиран серум се несоодветен примерок и не можат да бидат обработени!