Светски ден на водата 2026: „Каде што тече водата – расте еднаквоста“
Секоја година, на 22 март, светот го одбележува светскиот ден на водата, посветен на подигање на свеста за значењето на безбедната водата и санитарните услови за здравјето и благосостојбата на населението. Годинешната глобална тема – „Каде што тече водата, расте еднаквоста“ – ја нагласува клучната врска меѓу пристапот до вода и родовата еднаквост, како и потребата од трансформативен, правичен и инклузивен пристап кон управување со водните ресурси
Водата како човеково право
Водата како човеково право и предуслов за здрав живот. Иако во многу земји, вклучувајќи ја и Република Македонија, водоснабдувањето е стабилно, голем дел од светската популација и понатаму се соочува со сериозни ограничувања.
Пристапот до безбедна вода е темел за:
- Превенција од заразни заболувања,
- Одржување на хигиена
- Здрав развој на децата
- Достоинствен живот за сите
И покрај глобалниот напредок, 2.1 милијарда луѓе се уште живеат без безбедна вода во близина на својот дом. Овие нееднаквости најсилно ги погодуваат жените и девојчињата.
Кога недостига вода – недостига и еднаквост
Според податоците на UN WATER(2026):
- 205 милиони жени во светот пијат вода од небезбедни и неисправни извори.
- Во две од три домакинства, токму жените и девојчињата се одговорни за носење вода.
- Во 53 земји, тие трошат трипати повеќе време од мажите и момчињата за собирање вода.
- Вкупно, жените и девојчињата поминуваат 250 милиони на часови дневно носејќи вода – време што би можело да биде вложено во образование, работа, здравје и личен развој.
- Во многу региони, недостигот на вода ги зголемува ризиците од насилство, инфекции и компликации во бременоста.
- Само 71% од националните водни политики содржат конкретни мерки за жените и девојчињата – што значи дека родовата перспектива се уште недоволно се интегрира во управувањето со водите.
Овие бројки покажуваат дека глобалната водна криза е во голема мера и родова криза. Без еднаков пристап до вода, не може да има ниту еднакви можности.
Жените како двигатели на промени – центарот на решенијата
Иако жените најчесто го носат товарот од недостигот на вода, тие се уште се недоволно застапени во процесите на планирање, управување и донесување одлуки во водниот сектор.
Годинешната глобална кампања повикува на: зголемување на учеството на жените во водните политики и институции, признавање на нивната експертиза како научнички, инжинерки, здравствени работнички и лидери во заедницата, правичен и заснован на човекови права пристап кон решавање на водната криза.
Порака од Центарот за јавно здравје
Центарот за јавно здравје ја поддржува глобалната иницијатива и потсетува дека:
- Безбедната вода е основа за здравјето на населението и превенција од бројни заразни заболувања.
- Инвестициите во водоснабдувањето, хигиената и санитарните услови се инвестиции во здравјето, економијата и општествената стабилност.
- Родовата еднаквост во управувањето со водните ресурси е неопходна за одржлив развој и заштита на најранливите групи
Потребно е да работиме заедно за
- Одржливо и правично управување со водните ресурси,
- Подобрување на хигиенските и санитарните услови, активно вклучување на жените и девојчињата во сите процеси поврзани со водата,
- Создавање општество во кое секој човек, без разлика на полот, има еднаков пристап до безбедна вода.
Подготвено од раководител на отсек за безбедност на вода, санација на животна средина и здравствена екотоксикологија: Д-р Ивана Ѓорѓиевска, специјалист по хигиена и здравствена екологија.